Дескоска: Предизвик е да се воспостави систем на одговорност на судиите

0
68

Предизвик за Законот за Судски совет и Законот за судови е да се дефинираат основите за одговорност кај судиите, истакна министерката за правда, Рената Дескоска, која присуствуваше на конференција на тема „Расправа за предлог-измените во Законот за судовите и Законот за Судскиот совет“.

Таа рече дека по добивањето на мислењето на Венециската комисија, законите се веќе ажурирани во насока на подобрување на законската рамка за судовите и Судскиот совет. Според министерката, измените во овие закони треба да ги имаат предвид и да ги адресираат постојните предизвици и прашања со коишто се соочува судството.

Дескоска рече дека главна мотивација и предизвик е прашањето како да воспостави систем со гаранции за независност на судството, но воедно да постои систем на одговорност на судиите.

– Предизвик е попрецизно да се дефинираат основите за одговорност кај судиите, да се воспостави систем во којшто единствена основа за нивната работа ќе биде Уставот, законите и меѓународните конвеции, но исто така како да се воспостави систем на одговорност којшто нема да дозволи мешање или злоупотреба на политика во постапките за одговорност на судиите, систем којшто ќе спречи корпоративизам во рамките на судството, влијание на економски и други лоби групи, или затскривање на судиите коишто не работат во согласност со закон и етичките критериуми во рамките на судството зад принципот на независност – истакна министерката Дескоска.

Прашањето околу одговорноста на членовите на Судскиот совет во случај на нивно постапување спротивно на уставните принципи на независност на судството, како и спротивно на законските принципи на независност и избор на квалитетни судии коишто ќе влегуваат во судскиот систем и нивното напредување, е прашање кое според министерката Дескоска се очекува да биде наскоро затворено.

Извор:lider.mk

Коментирај