Денеска се празнува Свети Трифун: Заштитник на градинарите и лозарите

0
202

Светиот маченик Трифун спаѓа меѓу поголемите празници кои македонскиот народ ги празнува со многу обичаи, но главно е познат по обредното закројување на лозјата. Дел го сметаат за последен од зимските, а други за прв од пролетните празници.

Во некои краишта на Македонија како што се Охрид и Прилеп празникот е познат и како свети Трипун – пијаница. Како што забележале собирачите на македонските народни умотворби, но и на народните обичаи и верувања, тој бил покровител на меанџискиот еснаф, но и заштитник на лозарите и градинарите.

Свети Трифун се празнува на 14 февруари. Во повеќе краишта на Македонија на овој ден рано наутро се одело во црквата каде што попот пеел молитва и светел вода. Од оваа вода за која се смета дека со осветувањето е ослободена од сите негативни демони и има лековита моќ, луѓето земале во шишиња и ги прскале лозјата при што го изведувале и обредното закројување.

Светиот маченик Трифун е роден околу 225 година во Кампсада, во малоазиската област Фригија, во близината на градот Апамија. Неговите родители биле христијани и уште рано кај него ја поттикнале љубовта кон Христовата вера. Во детството чувал гуски, но уште тогаш се истакнал со исцелителска способност. За неговите чуда се раскажувало во целата империја поради што бил викнат во Рим кај царот Гордијан, бидејќи ќерка му Гордана се разболела од душевна болест и не можел да ја излечи ниту еден лекар во империјата.

Најпосле, по Божја промисла во Рим пристигнало 17-годишното момче од Кампсада, коешто за кусо време ја излечило царската ќерка и се стекнало со уште поголема слава. Од царот било дарувано со многу дарови кои на враќање им ги разделило на сиромасите.

Свети Трифун со маченичка смрт умрел за време на царот Децие кога бил вршен голем прогон на христијаните. Од обласниот римски царски намесник по име Аквилин бил повикан да дојде во Никеја каде што било седиштето на обласната управа и му било предложено да се откаже од Исус и на римските богови да им принесе жртви. Трифун го одбил тоа поради што бил многу мачен.

Коментирај