ДЕМАНТ: ЈСП Скопје реагира на спиновите и невистините објавени на Алсат-М

0
6663

ЈСП Скопје испрати демант по однос на статијата со наслов „Приватните превозници се жалат за доцнење на исплатата“, објавена на Алсат-М телевизија на 27.05.2017 година

Демантот го пренесуваме во интегрална форма:

ЈСП СКОПЈЕ ги дематира изјавите на соговорниците и целиот текст на статијата со наслов „Приватните превозници се жалат за доцнење на исплатата“, објавена на Алсат-М телевизија на 27.05.2017 година, бидејќи целиот е класично спинуван и неточен.

Во тој контекст, ја информираме јавноста дека ЈСП СКОПЈЕ во целост ги спроведува Одлуката за јавен превоз, Правилникот за работа на Оперативниот контролен центар и Договорите потпишани со приватните превозници. Во истите никаде не станува збор дека се работи за пробен период, туку стриктно се наведени критериумите кои се користат при пресметката на регуларните (остварените) километри од страна на приватните превозници. Овој период беше карактеризиран како период на прилагодување на овие превозници од начинот на кој возеа претходно, без дефиниран возен ред, на начин на кој се почитува возниот ред, застанување на сите постојки и без доцнење или поранување. Најголемиот дел од превозниците се прилагодија кон овој систем и веќе покажуваат одлични резултати со остварување од преку 95% од планираниот возен ред.

Што се однесува до веродостојноста на пресметките, ја уверуваме јавноста дека постои можност за контрола од страна на самите превозници, од страна на Оперативниот контролен центар, како и од страна на Мониторинг центарот кој е во надлежност на Град Скопје. Сите пресметки со кои им се одобруваат средства на приватните превозници, претходно се одобруваат од страна на Мониторинг центрот. Тоа значи дека ЈСП СКОПЈЕ во никој случај не може самоволно да ги менува пресметките на штета на приватните превозници.

Според тоа, овие тендециозни тврдења кои се на сметка на ЈСП СКОПЈЕ, се со цел оцрнување на работата на претпријатието, потекнуваат од група незадоволни превозници кои сакаат да работат по системот во кој не беше почитуван возниот ред, немаше никаква контрола, ниту пак оданочување на приходот.

Затоа, ги замолуваме истражувачките новинари на Алсат-М телевизија, во иднина да не се повикуваат на ЈСП СКОПЈЕ во вакви случаи, без предходно да се консултираат со претпријатието за реалните состојби. Ваквиот начин на информирање од страна на овој медиум, во кој се повикуваат на правен субјект од кого не добиле одговор, а истиот воопшто не е контактиран, претставува газење на новинарската етика. Во иднина истите ги замолуваме да се занимаваат со точни информации, а не да се служат со шпекулации и спинувани текстови.

Со почит,
ЈСП Скопје

Коментирај