Дејствувањето на реисот Сулјеман Реџепи е спротивно на Уставот, зошто институциите молчат?

0
352

Дали во Македонија постои Комисија за односи со верски заедници и дали оној што е поставен да ја раководи оваа институцијата ќе објасни дека она што го прави поглаварот на Исламската верска заедница, реисот Сулејман Реџепи е спротивно на Уставот и законските регулативи на Република Македонија. Зошто оваа институција молчи?

Бидејќи постои молк во државата од оние кои раководат со оваа институција, еве да појаснам која е нејзината улога и како се регулирани односите помеѓу верските заедници и државата. Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи е посебен орган на државната управа и има својство на правно лице. Таа своето работење го темели врз законските регулативи кои произлегуваат од: Уставот на Република Македонија, Законот за органите на државната управа и Законот за црква, верска заедница и религиозна група.

Според член 29 од Законот за органите на државната управа е пропишано дека Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи ги врши работите кои се однесуваат на правната положба на верските заедници и религиозни групи, како и работите кои се во врска со односите меѓу државата религиозните групи и религиозните заедници.

Во член 19 од Уставот на Република Македонија е регулирано дека Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот. Од ова јасно произлегува дека во Република Македонија нема државна религија. Со Уставот, во неговите одредби за основните слободи и правата на човекот и граѓанинот, е определено дека граѓаните на Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Исто така, со Уставот се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Понатаму, со Уставот на националните малцинства кои живеат во државата им се гарантира заштита на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет. Заради спречување на повреда на правото на слободно изразување на верата, со Уставот е пропишано дека слободите и правата можат да бидат ограничени само за време на вонредна или воена состојба, но и тоа не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Но и во таква состојба не можат да бидат ограничени слободите и правата што се однесува на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповедта.

​Токму ова треба Комисијата за односи со верски заедници да им го објасни на сите верски заедници во Македонија, но и во конкретниот случај на Реисот Сулејман Реџепи.

​ За жал овие неколку години Комисијата за односи со верски заедници молчи и нема реализирано ниту една од нејзините општи активности кои треба да бидат насочени кон афирмацијата и развојот на слободата на вероисповедта, соработката на државата со верските заедници и религиозните групи, унапредувањето на нивната положба во општеството, соработката со епархиите на Македонската православна црква во странство, развојот и афирмирањето на вредностите на религиските култури, развојот на верското образование и помош при вклучување во системот на образование, давањето помош во изградбата на сакрални објекти и во заштитата на верското културно наследство, водењето на регистар на цркви, џамии, верски заедници и религиозни групи.

​Исто така, не постојат никакви активности и релации за соработката помеѓу Комисијата и Министерството за култура во поглед на користењето и реновирањето на култните објекти во Македонија, како и организирањето на светски и меѓународни конференции од областа на културата и религијата. Односот и соработката на Комисијата со Министерството за правда при подготовката на извештаи за меѓународни тела и организации, како и соработката која се однесува на донациите кои што разни фирми им ги даваат на верските заедници и религиозните групи.

Соработката на Комисијата со Министерството за надворешни работи во делот на активностите поврзани со суштествени прашања од животот на верските заедници и религиозните групи, како што се контакти со министерства, дирекции, управи и комисии за религија на други земји и со странски претставништва во нашата земја. Соработката на Комисијата со Министерството за внатрешни работи, во врска со прашањата кои се поврзани со јавниот ред и мир за време на вршењето на верските обреди, како и прашањата поврзани со престојот на странски мисионери кои вршат верски обреди на покана од определена верска заедница или религиозна група.

​За жал Комисијата за односи со верски заедници и оние кои ја раководат молчат и не говорат за реципроцитетот дека било која верска заедница не може да врши притисок врз судот, законот и институциите на ситемот, а тоа значи дека државата нема право да се меша во работaта на верските заедници, ниту пак верските заедници да се мешаат во државните работи.

Извор: Курир.мк

Реисот Сулејман Реџепи: Ако не помогнете на ИВЗ, ќе ги повлечам повиците за заштита од пандемијата (ВИДЕО)

Коментирај