Чибишев: Несериозно е да бараш од граѓаните да се навикнуват на нова нормалност, кога бројот на заболени од ковид-19 постојано се зголемува

0
198

Република Македонија во последните три месеци живее во специфична состојба која јас ја нарекувам „продолжена стресна состојба“, вели професор доктор Андон Чибишев. Според Чибишев несериозно е да бараш од граѓаните да почнат да се навикнуват на т.н. нова нормалност, кога бројот на заболени од ковид 19 постојано се зголемува.

Несериозно е да бараш од граѓаните да почнат да се навикнуват на т.н. нова нормалност со која практички треба да се навикнеме на секојдневие во кое постојано треба да стрепиме дали ние или некој од нашите најблиски ќе се разболат, а за исходот од инфекцијата не сакам да коментирам. Новата нормалност за мене е разбирлива, меѓутоа, ако немаме новозаразени. Се друго е обид на надлежните да не убедат дека треба да почнеме да се навикнуваме на живот во кој што ќе функционираме виртуелно, ќе живееме и ќе работиме вообичаено, а секојдневно наместо да слушаме дека бројот на новозаразени опаѓа или дека нема веќе заразени, ние слушаме дека бројот постојано се зголемува, бројот на хоспитализирани се зголемува, бројот на новозаразени е поголем од бројот на излекувани и дека бројот на починати загрижувачки се зголемува. На крајот би сакал да прашам дали тие кои не повикуваат да се адаптираме на новата нормалност, помислуваат на здравствените работници, полициските службеници и сите други кои во овие три месеци вонредна состојба го понесоа најголемиот товар на кризата, дали помислуваат на нивните семејства и блиски кои секојдневно живеат во страв за нивното здравје и животи. Ако животот продолжи во ваква „нормалност“, во која секојдневно имаме голем број на новозаразени, најавата за брзи избори пред смирување на епидемијата за мене е несфатлива, неразбирлива и крајно неодговорна, оценува професор доктор Чибишев во изјавата за Курир.

Коментирај