Бутарис: Размислувам за преименување на аеродромот „Македонија“ – туристите кога слетуваат во Солун мислат дека се во Скопје

0
145

Градоначалникот на Солун Јанис Бутарис изјави дека треба да се размисли за промена на името на солунскиот аеродром „Македонија“.

– Не велам дека треба да се промени, но само јавно прашувам, да размислиме за тоа бидејќи името „Македонија“ „го подели светот, не подели нас“ и од тоа сите губиме, рече Бутарис во изјава за грчката ТВ Скај, пренесува МИА.

Според него, аеродромот би можел да го носи името на прославениот грчки кошаркар Никос Галис, кој, како што вели, е меѓународно призната личност и единствениот од Грција кој влезе во американската Куќа на славните. Како дополнителна причина за преименување на аеродромот, истакнува солунскиот градоначалник, е тоа што туристите кога слетуваат Солун мислат дека доаѓаат во Скопје.

Бутарис смета и дека не се реални грчките стравувања од Македонија и дека проблемот на Грција не е Скопје, туку Анкара, и се поголемото турско влијание во регионот.

Оценува дека сега има реална можност проблемот со името да се реши, а секое одолговлекување би одело на штета на Грција.

– Подобро да добиеме 50 отсто од нешто, отколку 100 проценти од ништо. Изгубивме во Хаг, не можеме да го задржиме ветото за НАТО, изјави Бутарис.

МИА

Коментирај