Буџакоски: Без власта не е можен ваков рекет- истрагата да се прошири ако не е доцна

0
372

Може ли воопшто да му се верува на обвинителство на чело со Русковска кое не ја прошири истрагата за „Рекет“ веднаш за да утврди има или не инволвираност, прво од специјалната обвинителка а потоа и од високи функционери од власта ? Дали сега е веќе доцна откако Јанева практично ја призна автентичноста на снимките што ги објави италијанскиот медиум, а телефонот и компјутерите се веќе форматирани и избришани – оти време за тоа имаше комотно овозможено со неделувањето на Русковска? И на крајот, можно ли е вака да тече разврската на скандалот без помош од власта? Не е можно вели за Алфа професорот по казнено право Стефан Буџакоски, од Охрид.

-Во оваа форма и волку големи суми на рекет без вмешаност од власта не е можно. Има случаи на рекетирање со прислушувани разговори. Во јавноста се вртат информации дека и други лица поседуваат прислушкувани разговори, изнудуваат некои поситни суми на пари како уцена за да не се објават разговори, но за ваков висок степен на поврзаност, неопходно е да има поширок опфат на истрагата за да се утврди кои сите се инволвирани, вели Буџакоски.

Според него Јанева призна лична вмешаност во скандалозниот „Рекет“ уште кога си поднесе условена оставка.

-Катица Јанева уште со давањето оставка на функцијата специјален јавен обвинител , пред приведувањето на двајцата осомничени Јованоски и Милески, си призна вмешаност во оваа афера, а денешната објавена снимка само ја потврди нејзината улога. Нејзината вмешаност во аферата „Рекет“ до степен на основана сомневаност со висок степен на веројатност, во следниот период се потврди со форматирањето на телефонот и бришењето на компјутерите. Но тоа беше за јавноста. Секако дека овие податоци беа познати на правосудните органи. Сето ова води кон тоа дека Катица Јанева знаела оти основното јавно обвинителство ќе презема понатаму обврски во случајот „Рекет“, објаснува професорот.

Дали сега е доцна за правна, неселективна и темелна истрага?

-Истрагата на случајот „Рекет“ треба да се води со висок професионализам, посветеност, голема внимателност и неселективност. Потврдата треба да биде дека правдата е еднаква за сите. Требаше- ако сега веќе не е доцна кога е влезено во правниот лавиринт – да се прошири и да ги опфати сите кои преземале било какви дејства поврзани со овој случај. „Рекет“ го стави под прашалник функционирањето на правниот систем и селективната правда. Правниот систем во Република Македонија бара реформи по принцип на длабоко орање, предложени од правни експерти а не од политички партии, додава Буџакоски.

Дали на македонскиот правен систем во моментот му треба ново СЈО само за криминалите од актуелното СЈО? Буџакоски одговара дека предлогот за згрижување на обвинителите од специјалното во т.н. ново обвинителство е целосно погрешно, оти ова што се покажува дека Јанева го правела фрли црна дамка на сите останати од СЈО. А првично дојдоа на голема врата да го збришат високиот криминал и корупција. Наместо тоа, тие на голема врата влегоа во криминал, потенцира Буџакоски.

Извор:Република.мк

Коментирај