Борко Ристовски: Го кревам својот глас и апелирам за семакедонско национално единство во однос на ова прашање, кое при мајка може да не остави сираци!

0
252

Голманот на ракометната репрезентација кој го носи прекарот „министер за одбрана“, Борко Ристовски преку Фејсбук објава упати критики за предавничкиот договор кој денеска беше потпишан меѓу Грција и „Македонија“.

Неговата Фејсбук објава ја пренесуваме интегрално:

Драги мои браќа, сестри и пријатели,

Јас сум Борко Ристовски, Македонец, спортист, ракометар, човек кој над 100 пати го чувал голот на ракометниот национален тим на Република Македонија.

Со целата своја свест, совест, минато, иднина и спортско наследство кое сум го оставил настапувајќи за и во името на македонската држава, чувствувам морална, човечка и домољубна обврска, пред се кон моето семејство и моите преди, но и кон својот македонски народ и татковина да искажам сопствен став за се она што изминатиот период се случува во мојата, нашата Република Македонија.

Најпрво, сакам да изразам сесрдна и недвосмислена поддршка за сите оние навивачки групи, но и кон целиот македонски народ и кон останати народности во нашата држава што периодов излегоа на масовни протести, со цел зачувување на нашето единствено, исконско и неменливо име МАКЕДОНИЈА!

Говорам од културно-историски, но и од национален аспект, кога велам дека никој, ама буквално НИКОЈ нема право да го менува името на нашата татковина Македонија!

Токму затоа, јас, Борко Ристовски, долгогодишен македонски интернационалец, но и горд бранител на репрезентативните ракометни бои на Македонија, бојовник на спортските полиња ширум светот во светиот македонски дрец – го кревам својот глас и апелирам за семакедонско национално единство во однос на ова прашање, кое при мајка може да не остави сираци!

Без разлика на која националност, религиска или политичка припадност припаѓа, апелирам до секого, а во името на нашите предци и на нашите идни поколенија, доколку има барем малку човечко достоинство, да застане во одбрана на својот македонски народ и на својата долговековна историја!

Народ и држава што не си ја знае својата историја не може да ја определува иднината на своите сонародници и на своите наследници!

Драги браќа Македонци и останати народности во нашата Македонија, ви упатувам апел да го сакате го својот народ, своите блиски и својата една и единствена татковина.

Македонија е од искона, до вечноста!

Да живее, една, единствена и вечна Македонија

Коментирај