Билетарниците на ЈСП ќе произведуваат своја струја и ќе ја филтрираат водата

0
3074

Самоодржливи билетарници кои ќе произведуваат сопствена струја и ќе ја филтрираат искористената вода е најновиот проект на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, кој е предвиден со инвестициската програма за 2017 година. Од ЈСП засега немаат премногу детали оти, како што велат, се во почетна фаза на проектирање на објектите. Најавуваат дека тие ќе имаат самостојно производство на струја за самоодржливост, а водата која ќе се пречистува повторно ќе се користи во внатрешните тоалети.

Освен билетарниците, во инвестициската програма е планирано и вложување во изградба на една паметна автобуска постојка.

Ќе се заменуваат по неколку годишно

Планот на ЈСП е да се заменуваат по неколку билетарници годишно.

– Нашиот план е сите билетарници да се осовременат, но во зависност од вредноста и буџетот дополнително ќе ја знаеме динамиката. Целта на самоодржливите билетарници е нашата услуга да биде современа и подобрена, како и да ги следиме најновите технологии. Старите билетарници се набавувани од 1984 година до почетокот на деведесеттите години и се стари и дотраени, па нормално е да бидат заменети – потенцираат надлежните служби од ЈСП.

Сегашните билетарници на ЈСП, вкупно 24, се привреемени објекти, киосци и трафики без основна инфраструктура како тоалет и чешма, а вработените во нив работат во две смени. Вкупниот буџет за овој проект во 2017 година е 15 милиони денари, а постапката за негова реализација се планира да почне во август.

Од претпријатието најавуваат и дека оваа година планираат да постават паметна автобуска постојка на улицата Димитрие Чуповски, попозната како „Рекорд“ . Постојката ќе биде изработена според идејното решение на тимот „Урбан лаб 1“, кој се состои од млади архитекти и инженери по електротехника и софтвер Мила Рориќ, Дејан Томски, Ѓорѓи Нусев и Марина Најдоска, кои победија на натпреварот што го организираа Фондот за иновации и технолошки развој, заедно со ЈСП.

Паметната постојка ќе се гради во март

– Паметното стојалиште ќе биде изработено во согласност со победничкото решение од натпреварот за прототип на постојка. Изградбата е планирана да почне во март и за овој проект се предвидени 8 милиони денари. Ако се прифати позитивно од корисниците на јавниот превоз, ќе градиме и други вакви стојалишта. Постојните црвени постојки се од 1996/97 година, а печурките се од 1985-1992 година. Тие се дотраени и нормално е да бидат целосно сменети – потенцираат од ЈСП.

Паметната постојка, како што објасни Мила Рориќ од „Урбан лаб 1“ кога ја примија наградата, е инспирирана од идејата за паметен јавен превоз како дел од концептот за паметни градови. Во состав на постојката влегува интерактивен панел на допир со кој патникот преку внесување одредени параметри ќе добие повратна информација за избор на рационалната рута. Има вграден безжичен рутер за пристап до интернет, ЛЕД-дисплеи за корисни информации за патниците што ги добиваат од сензори на самата постојката и од интернет.

Стојалиштето има зелен ѕид со систем за циркулација на вода, кој служи за филтрирање на воздухот во одреден радиус и ја прави пријатна атмосферата за чекање, а на покривот има фотоволтаици за искористување на сончевата енергија. Kонструктивните елементи се обложени со титаниум диоксид, кој под дејство на сончевата светлина ја разградува нечистотијата, што постојката ја прави самочистечка и лесна за одржување.

Извор: Дневник

Коментирај