БЕСА: Управувачкиот персонал од ДУИ е неспособен да менаџира со Тетовската болница

0
567

Движењето БЕСА денеска обвини дека раководството на Клиничката болница во Тетово е неспособно да менаџира со неа, и не успева да ги користи ниту средствата наменети како годишен буџет.

– Фактот дека и Фондот за здравствено осигурување и болницата имаат управувачки персонал од ДУИ, зборува за тоа колку од оваа партија се посветени да им понудат квалитетна здравствена услуга на граѓаните на Тетово и околината, соопшти БЕСА.

Вкупните средства, според БЕСА, кои не се користат се 31.246.653 денари или околу 508 илјади евра, додека од друга страна пациентите се жалат за лоши здравствени услуги, бидејќи, како што посочуваат, се принудени сами да ги купуваат лековите и материјалите за време на нивниот престој во болница.

– Има недостиг на опрема и простории, а условите во болницата се речиси примитивни, оневозможувајќи го нормалното функционирање на медицинскиот персонал и на пациентите, велат од Движење БЕСА.

Движењето БЕСА во платформата Редефинирање посебно внимание посветува на здравјето на граѓаните и ќе се ангажира со сите свои човечки капацитети за да создаде квалитетен здравствен систем, кој ќе биде еднаков и фер во обезбедувањето на услугите за сите граѓани.

Коментирај