Бамја за здравје!

0
2206

Бамјата е едногодишно растение од фамилијата Слезови (Malvaceae). Се одгледува заради младите (4-5 дена) плодови, кои се консумираат зготвени. Позната е од пред 3.000 години во Египет и во Азија. Кај нас е застапена на многу мали површини. Бамјата е една од најтоплољубивите градинарски култури. Почнува да никнува на 15 степени целзиусови а оптимални се 25 степени. Активната вегетација е при температура меѓу 26 и 28 степени.

Бамјата е богата мешунка која изобилува со растителни влакна кои се битни за одржување на здравото ниво на холестерол во крвта. Таа содржи разни витамини и минерали, особено витамини од групата Б, како што се фолната киселина, витамин Б1, Б2, а особено и витамин Б6 (една просечна порција бамjи содржи 10% од потребните дневни потреби на витамин Б6). Бамјата содржи полисахариди што го подобруваат протокот на крвта и делуваат стимулативно. Таа е преполна со антиоксиданти, а особено со епоикатехин, катехин, рутин и кварцетин. Рутинот им обезбедува цврстина на малите крвни садови, а кварцетинот е добар за дишните патишта.

Го подобрува здравјето на бубрезите. Се смета дека со редовно консумирање на бамја се намалува ризикот од болести на бубрезите, особено оние предизвикани од дијабетес. Го подобрува здравјето на дебелото црево и е полна со диетални влакна. Витаминот А придонесува за здравјето на слузокожата на дигестивниот тракт, што му овозможува нормално функционирање.

Содржи и витамин Ц, кој помага со респираторни заболувања како што е астма. Витаминот Ц влијае на здравјето и на младешкиот изглед на кожата, го забрзува растот и регенерацијата на ткивото. Ако направите маска за лице од бамја, лицето ќе ви омекне, а резултатите ќе бидат видливи веднаш.

Во бамјата се содржат големи количини на витамин К, кој има директно влијание врз здравјето на коските. Тој штити од остеопороза и ја зголемува коскената густина. Покрај тоа го регулира згрутчувањето на крвта, а го штити организмот од тромбоза.

Хемискиот состав на бамјата е многу сличен на боранијата. Има нешто поголема хранлива и енергетска вредност, повеќе сува материја, протеини, витамини и калиум, а помалку натриум и железо. Таа, исто така, содржи значајни количини на магнезиум, бакар, цинк, манган, ванадиум, сулфур и силициум. Карактеристичниот мирис и вкус доаѓаат од слузните материи и етеричните масла. Поради високиот процент на целулоза, пектин, благотворно делува на органите за варење, и се препорачува за луѓето кои страдаат од гастритис, чир, воспаление на цревата. Покрај тоа, го поттикнува отстранувањето на токсините од телото, а и се припишуваат и афродизијачки својства.

Коментирај