Бадник во домот на претседателот Иванов

0
354

На Бадник, во пресрет на големиот христијански празник Божик, денеска домот на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, го посетија децата од Центарот за едукација на македонски фолклор „Митеви“ од Скопје, кои ја донесоа Божиќната литија и со песната „Вечниот Бог” го најавија Христовото раѓање.

Претходно, претседателот, Ѓорге Иванов, по повод големиот празник раѓањето Христово – Божиќ упати честитка до сите верници од православна вероисповед, членовите на Светиот архијерејски синод и до преподобното свештенство и монаштво.

„На првиот Божик, семоќниот Бог стана човек и се изедначи со беспомошните луѓе. Господ Исус Христос се роди на маргините на општеството, во обесправено и прогонето семејство кое таа вечер немало ниту свој дом. Оттука, Божик е израз на Божјата солидарност со луѓето. Како дел од неговата земна мисија, Тој ги исцели болните, им помогна на сиромашните, им посвети внимание на заборавените, им даде достоинство на отфрлените, надеж на безнадежните и им понуди откупителна љубов и простување на сите. Христос ги рушеше човечките бариери што ги делеа луѓето на богати и сиромашни, слободни и неслободни, вредни и помалку вредни, создавајќи духовно променети луѓе кои го менуваат духот на општеството“, се наведува во честитката, во која се додава дека на граѓаните во Република Македонија им е неопходно обновување на духот на солидарноста и на социјалната правда.

Од Кабинетот на претседателот ја пренесуваат и честитката на сопругата на македонскиот претседател, Маја Иванова, која од името на семејството Иванови на сите православни христијани им посака да имаат благословена, тивка и света бадникова вечер.

“Една голема мудрост вели дека секој од нас има лице од кое што треба да дава насмевки. Има усна од која што треба да изговори добри зборови, да прави добри дела и очи да ги види добрите работи кај луѓето околу нас. Или, како што рекол Свети Климент, веќе не само за овие празници, туку и секој ден треба да шириме насмевки, да кажуваме добри зборови, да правиме добри дела. Да се натпреваруваме во добрина“, истакна првата дама и додаде дека честитајќи го Божиќ посакува Христовата светлина да влезе во секој христијански дом и да го осветлува патот на слогата, на радоста, на љубовта и на успесите.

Сопругата на претседател на Република Македонија изјави дека во духот на семејните вредности и традиции и оваа година традиционално ги отвориле вратите на нивниот дом.

„Среќа, радост, песна, насмевки од нашите денешни гости, денешните бадникари, кои со песната ‘Вечниот бог’ ни го навестија Христовото раѓање, ни го навестија раѓањето на Богомладенецот“, рече Иванова.

Од Кабинетот на Иванов појаснуваат дека со божиќната каланда (песна) „Вечниот Бог” се објавува доаѓањето на Спасителот во тело.

„Песната е древна, води корени уште од некогашното Римско царство, што културолошки продолжи да живее кај православните народи кои се негово духовно и цивилизациско наследство. Иницијативата за возобновувањето на старата православна традиција да се слави Бадник со пеење на ‘Вечниот Бог’ потекна од свештенството на МПЦ-ОА“, се наведува во соопштението.

Извор: skopjeinfo.mk

Коментирај