Бачев: Дали поради стравот кај ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, се тргна НДМ од листите?

0
331

Лидерот на НДМ, Јанко Бачев, вели дека страшна е тенденцијата по секоја цена НДМ да не учествува на изборите.

Интегрално соопштението од лидерот на НДМ, Јанко Бачев:

„Државната изборна комисија ги отфрли сите седум листи на НДМ за вонредните парламентарни избори на 11 декември. Причините наведени во решението се незаконски, а уште пострашна е тенденцијата по секоја цена НДМ да не учествува на изборите.

Накратко да информирам за причините на ДИК:

Прво, имало несовпаѓање на потписите на кандидатите. Тоа не е точно, бидејќи изјавите се потпишани од сите 123 кандидати за пратеници.

Меѓутоа, пострашно е тоа што законското овластување што и е дадено на ДИК согласно член 67 од Изборниот законик во однос на кандидатските листи, во никој случај не подразбира и право на ДИК да ја цени валидноста на потписите на кандидатите, бидејќи тоа претпоставува една друга постапка.

Општо познато е во каква постапка се утврдува евентуалниот сомнеж за некој потпис. Членовите ДИК спротивно на Изборниот законик си играле стручњаци за потписи. ДИК бил во обврска да испитува околности само во смисла на член 65, 66 и 67 од Изборниот законик. Да потсетам, НДМ поднесе листи и изборите на 5-ти јуни и ако ги видите потписите на членовите на ДИК ставени на одлуките за нашите листи од мај 2016 и сегашните одлуки на ДИК со кои ги отфрлаат листите на НДМ се гледа дека не се совпаѓаат, особено кај членката на ДИК, Силвана Бонева. Но тоа не значи дека, тоа не се нивни потписи туку варијанта на нивните потписи. Еве ги потписите на членовите на ДИК од мај и сега од декември 2016.

Второ, едно лице наводно не евидентира во Избирачкиот список. Ова е целосна невистина бидејќи лицето евидентира во списокот по моминското презиме, а патем да спомнеме дека ова лице беше и на листите за изборите на 5-јуни, и тогаш од страна на ДИК немаше забелешка дека не евидентира.

Како и да е, да спомнам дека било кое лице за кандидат нема законска обврска да евидентира во избирачкиот список, бидејќи тоа не е услов за кандидатура.

Значи, ДИК ги испомешал институтите пасивно и активно избирачко право.

Трето, ДИК бара уверение за неосудуваност за извесна М. Филиповска. На листите на НДМ нема кандидат со такво презиме.

Четврто, за еден кандидат во уверението за неосудуваност стои дека има поранешна пресуда и ДИК бара од нас да напишеме во уверението дали пресудата е веќе извршена иако општо познато е дека судски документ може да корегира само судот, а ДИК има обврска службено да го побара тоа и ако има проблем да го замениме со друг кандидат.

Петто, за еден кандидат ДИК вели дека е доставен доказ за неосудуваност после рокот. Ова е целосна невистина. Со поднесувањењто на листите на 11.11.2016 доставено е уверение за ова лице за неосудуваност, но ДИК утврди неправилност бидејќи не стоело во уверението дека се издава за кандидат за пратеник.

Дали стравот кај ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од разбивање на нивниот 25-годишен двопартизам кој токму НДМ го започна, решително, храбро, и во интерес на народот е причината за обидот да се тргне НДМ од изборниот процес“, прашува Бачев.

Коментирај