Анѓушев контра Заев за зголемувањето на пензиите: Македонија не е Швајцарија

0
899

Вицепремиерот Кочо Анѓушев контра премиерот Зоран Заев околу зголемувањето на пензиите. За тие да се зголемат, вицепремиерот рече дека треба да порасне просечната плата, но и зголемувањето на бројот на вработени. Но, сепак, вели дека Македонија не е Швајцарија за тоа да се случи толку брзо, знаејќи ја состојбата со дупката на пензискиот фонд и кондицијата на буџетот, пишува Алфа.

– Факт е дека во државата се вработија 54 илјади луѓе за две години, а факт е и дека нето платите во текот на две години пораснаа за 10 отсто. Тоа е практично извор на средства, бидејќи сите тие 10 отсто плус плати просечни тие даваат плус 10 отсто средства во Пензискиот фонд. Исто така, овие 54 илјади нововработени со своите придонеси даваат плус средства во фондот. Цениме дека и пензионерите треба да го почувствуваат тој благодат од тоа што се случува во општеството. Се разбира, дека тој сооднос треба да го почувствуваат и пензионерите и сите останати во администрацијата за кои се обидуваме и нивните плати да ги направиме подостојни, рече Анѓушев.

Пензионерите идната година ќе добијат огромно зголемување на пензиите, и тоа ќе биде врз основа на економскиот раст, вети премиерот на трибина во Штип, одговарајќи на прашање на пензионер, кој го праша зошто пензиите не се качени за 10% како што беше ветено во предизборието.

И додека премиерот само ветува дека пензиите ќе се зголемат, највозрасните граѓани во земјава се разочарани зашто на нивните сметки не виделе ниту денар покачување. Освен, како што велат, празните ветувања од власта дека ќе биде подобро.

Разочарувањето на пензионерите не стивнува. До нашата реакција постојано се јавуваат пензионери, кои велат дека е срамота што имаат незабележително покачување на пензиите од 20 до 60 денари, што е смешно, па дури и понижувачко.

Околу зголемувањето на пензиите се огласи и Светска Банка, која предупреди дека треба да се внимава околу тоа, за да не се предизвикаат негативни ефекти врз целокупната економија на среден рок.

Порастот на просечната плата од 10% во текот на овие две години и вработувањето на 54.000 луѓе за тој период, треба да го почувствуваат и пензионерите, но и сите во администрацијата, велат од владата.

Инаку, пензиите, од 13 илјади и 750 денари во 2016, лани достигнале над 14 илјади и 400 денари. Дали наредната година ќе има покачување, или пак ќе се „стопи“ растот на пензиите, останува неизвесно.

Коментирај