Анализа на Љубомир Цуцуловски: ПРОФИТОТ И ПРИРОДАТА

0
90

Кога вчера, повикувајќи се на младиот Маркс, напишав дека експлоатацијата на природата е само дел/момент од општата експлоатација на човекот; дека во безобзирниот однос кон природата само се одразува истиот однос, воспоставен кон човекот и дека сето тоа резултира од немилосрданата трка по профит, наметната од логиката на капиталот да се множи/зголемува (капитал-логосот), можеби некому тоа изгледаше необично, претерано, дури и изнасилено.

Меѓутоа, капиталот не само што го первертира односот кон природата и човекот, туку го изобличува и човековиот јазик.

Денес не се говори единствено за природата како ресурс. Денес и самиот човек, луѓето се преобразени во р е с у р с и. Затоа и се говори за човечки ресурси. Тоа значи дека човекот (духовно и материјално) е сведен на минерал, земја… на извор/средство за нечиј приход. Наместо да биде цел, како што сметаше Кант, човекот е сведен на расерус – на средство за богатење.

Затоа, во вчерашниот пост нагласив дека еколошките проблеми, во суштина, се проблеми на општествениот и економскиот систем на една земја. Таму каде што постои сеопшта експлоатација, несфатлива трка по профит, таму и не може да се очекува поинаков однос кон човекот и природата.

Затоа, некои екологисти се движат во погрешна насока, несфаќајќи дека проблемите не можат да се решат палијативно, делумно, туку само со радикална преобразба на општеството. А да се биде радикален, смета Маркс, работите треба да се изменат од корен, бидејќи и самиот збор „радикален“ упатува на тоа. Тој потекнува од новолатинскиот збор „radix“, што значи корен.

Без коренити промени, сѐ останува само на збор – на ватувања, луди радувања.

Фејсбук објава на Проф. д-р Љубомир Цуцуловски

Како и што спомена во оваа објава, професорот Цуцуловски на тема „Профитот и природата“ пишуваше и вчера. Во продолжение и оваа негова Фејсбук објава ја пренесуваме интегрално:

ПРОФИТОТ И ПРИРОДАТА. Сакал-несакал, повторно се сетив на Карл Маркс. Повод е денешната хаварија со тиксичната хемикалија во „Охис“. Имено, уште во првата половина од 19-от век Маркс потенцирал дека бесчувствителниот/деградирачки однос кон природата е само израз (посебен момент!) на бесчувствителниот однос што капиталот го има кон човекот, бидејќи човекот е, исто така, природа. Притоа, Маркс додава дека во безмилосната експлоатација на природата се рефлектира оптштата експлоатција на човекот од страна на друг човек, бидејќи во трката кон поголем профит ирелевентна станува природата и нејзината судбина, а со тоа ирелевантен станува и самиот човекот, како нејзин дел. Според тоа, не станува збор за еколошки проблем, туку за битно системски проблем – за проблем на самиот општественo-економски систем.

Така било пред скоро два вака. Иронијата станува уште поголема кога ќе се земе предвид дека во јавноста се нагласува дека среќен момент, во сета денешна хаварија, бил фактот што депото, во кое била складирана токсичната течност, било изградено според за време на Југославија, според југословенските стандарди. Југославија, пак, е држава која не постои веќе триесет години. Оттука, на посреден начин, може да се заклучи на кое дереџе се денешните стандарди во Република (северна ли беше?) Македонија.

П.С. На приложената фотографија се гледа само дел од Скопје. Снимката ја направив на 7.11.2019 година, во 14:48 часот. Мислам дека глетката е коментар сам за себе.

76695225_1366563413508964_7309436774697140224_o

Коментирај