Александар Македонски и неговата фаланга пиеле вино од Тиквешијата

0
485

Александар Македонски и војниците од неговата фаланга наздравувале со тиквешко вино, а во кавадаречкото село Ресава своевремено ресавци наместо со вода, циглите за градење на своите куќи ги правеле со вино. Овие приказни се дел од промотивните туристички пакети, кои од месец март ќе им се нудат на винските туристи.

По децениска работа, Фондацијата „Тиквешки вински пат” ги става уникатните природни и културни убавини на Тиквешијата кои се создавале со векови наназад, во една атрактивна туристичка понуда. Целта е да се покаже дека за развојот на туризмот, не е пресудно да се има море.

– Сѐ што е убаво треба да се сподели. Приказните за самовилските води, каменот на плодноста, цуцките, вредните археолошки пронајдоци, фрески и записи. Прекрасните вина и ракии, гастрономските специјалитети. Редно е на посетителите од земјава и странство да им  подготвиме  за дегустација автентични и традиционални јадења како чорба од штавел и коприва, тава или зелник со  штавел, бунгур со свинско, раванија со маџун, стари гурабии со гриз и други кои се превкусни а заборавени, а векови наназад биле лична карта за ова поднебје, вели Виолета Јанкова, директор на Фондацијата.

Планината Кожуф со своите особености како големата надморска височина, пространите и бујни шуми, долгото задржување на снежната покривка, разновидната флора и фауна, нагласи таа, нуди можности за одлични пешачки тури.

– Македонската убавица е магнет за луѓето кои ги мами богатството на минералите. Покрај малото село Мајден се наоѓа рудникот Алшар, кој освен со златото, антимонот и арсенот, е единствено најбогато наоѓалиште во светот на црвеникавиот талиумов минерал-лорандит. Алшар  е дел од  Емералд-мрежа за заштита на природните реткости. Само ретките видови флора и фауна, како и некои влекачи и диви темјанушки со големи димензии, сведочат за тајните во утробата на планината. И легендите исто така. Наводно, Александар Македонски прв ја открил мистериозната моќ на лорандитот. Се раскажува дека неговите војници со него ги премачкувале своите штитови пред секоја битка, па под влијание на пладневното сонце, ги заслепувале противничките војници и така ги победувале. Затоа и имале изгравирано сонце на штитовите, па оттаму и поврзаноста на македонците со сонцето, објаснува Јанкова.

И ние „вранец за трка имаме

Alexander-the-Great-Diogenes

Во рамките на пакетите кои најпрвин ќе бидат тестирани, ќе има гурманска тура, но и тура со часови за готвење, во чии рамки туристите ќе имаат можност и самите да научат како да ги спремаат тиквешките специјалитети. Винската тура не вклучува само разгледување на винарии, туку едно ново доживување преку кое на еден поинаков начин ќе може да се согледаат одгледувањето на винова лоза и процесот на производство на вино. Во рамките на рибарската тура покрај извонредните пијалоци од грозје, ќе може да се ужива во преслатките риби од планинските реки или од Тиквешкото Езеро, кое поради големото присуство на алги е зелено како зеленото море од лозја.

– Гостопримството, виновата лоза, но и музиката и уметноста се вткаени во генетскиот код на луѓето од Тиквешијата. На посетителите во рамките на турата за традицијата и културното наследство на регионот, ќе им покажеме дел од големото културно наследство, почнувајќи од археолошките локалитети и пронајдените артефакти, старите занаети, па сѐ до прекрасните ликовни, но и музички дела, откри таа за МИА.

Пакетот „Рурална Тиквешија” го промовира крајот кој изобилува со живи селски населби, каде заедно со домаќините, гостите ќе можат да учествуваат во селските работи, да ја делат со нив превкусната домашна храна и да уживаат во природните убавини на тие села.

„Венус” е посебна програма наменета за сите оние кои решиле да посветат поголемо внимание на своето здравје, но и оние кои решиле да ги зајакнат своите тело и душа. Ќе ја водат докажани стручни лица од повеќе области, меѓу кои секако медицина и спорт. Сето тоа за здравје и убавина, на телото и душата.

Јанкова нагласи  дека преку сите овие туристички пакети, туристите ќе можат да истражуваат и да ја доживуваат Тиквешијата и тиквешките вински патишта. Потсети дека тоа е мисијата на фондацијата која во својата структура има невладини организации, локални самоуправи, винарии, министерства. Да се трасираат винските патишта во земјава и по нив да поминат што е можно повеќе туристи.

– Во моментот кога за прв пат излеговме со нашата идеја за афирмација на патиштата на виното во Македонија како винска земја, многумина со скептицизам гледаа на тоа. Сѐ што е ново и непознато секогаш како по некое непишано правило,  буди недоверба. Поимот  вински пат беше некако  повеќе виртуелен. Не им беше некако јасно за што всушност се работи. Изминативе години успеавме да ги убедиме дека и ние „вранец” за трка имаме и дека нашата винска приказна заслужува внимание.  Упорната работа вроди со плод, се менува менталитетот, така да винските патишта веќе не се нешто непознато во државава. Тие стануваат  реалност и многу други луѓе започнаа да се занимаваат со нив,   вели таа.

Туристи сакаат да копаат лозје

Јанкова кажа дека работеле и сѐ уште работат на тоа тиквешани конечно да сфатат дека на туристите  може да им  понудат сместување во традиционална селска куќа, локални специјалитети, вино со извонреден квалитет. Зад нив се неколку крупни проекти кои ги реализирале заедно со општини од Тиквешијата, а се плод и на прекугранична соработка и користење на европски фондови. Изградени беа првиот туристички информативен центар во регионот и музеј за вино во Неготино, Центар за едукација и вмрежување во туризмот во Демир Капија. Македонија стана една од 33 културни патеки на Европа. Во организација на Фондацијата, за прв пат пред неколку години беше реализиран натпревар во кроење на лозја, нешто што стана атракција и традиција во најлозарскиот крај на Македонија. Во моментов се крчка проект кој ја има поддршката на сите девет општини од Вардарскиот плански регион. Во овој регион е донесена стратегија за развој на винскиот туризам. Покрај со општини и невладини здруженија, се соработува и со факултети и институти. Во моментов имаат четири проекти од програмата за прекугранична соработка и црпење на европски фондови, кои се влезени во последна фаза на оценување.

Ја прашавме дали навистина има туристи во светот на кои им е преку глава од асфалт и од градска врева и дека некои од нив со задоволство би дошле на пример да дојдат и да видат,   па и да  копаат лозје, да прават  вино и слично. Колку има вистина во тоа и дали навистина постои таков алтернативен туризам?

Такви луѓе постојат, децидна беше Јанкова, меѓутоа и за такви луѓе неопходно е да се обезбедат одредени услови. На пример мора да има амбуланта на одредена оддалеченост, одредени санитарни услови и слично.

– Имаме стручна екипа која ги препознава потребите и желбите на клиентите. Турите ќе бидат од дводневни,  до такви кои ќе траат 14 дена. Ќе може да се ноќева во хотели, приватно сместување. Со цел развој на манастирскиот туризам, на гостите ќе им се нудат за престој и манатирски конаци. Низ Тиквешијата има 65 верски објекти меѓу кои  цркви,  манастири, ранохристијански и пештерски цркви, ни соопшти таа.

Самата, милува да наздрави со бело вино „темјаника” за здравје, среќа и што повеќе туристи по винските патишта во Македонија.

Коментирај