Албанскиот амбасадор повикан во МНР поради зачестените навреди од Албанија кон Македонија

0
587

Министерството за надворешни работи вчера го повикало на разговор албанскиот амбасадор во Македонија, Фатос Река, по повод зачестените навредливи изјави и коментари од официјални лица на Република Албанија, насочени кон Република Македонија.

Изјавите на претседателот на Владата и министерот за надворешни работи на Република Албанија за двонационалност и менување на уставното уредување на Република Македонија се отворено мешање во внатрешните работи на земјава, посочуваат од МНР.

– Eтикетирањето на Македонците како „Славомакедонци“ е навредливо и дискриминаторски кон Македонците и сите граѓани на Република Македонија. Беше истакнато дека ваквите пораки се сериозна провокација за добрососедството кое сакаме да го негуваме. Тие прават долгорочна штета на односите во регионот и поттикнуваат екстремистичка реторика. Она што ни треба во регионот, е обединување околу интеграцијата во ЕУ, мир и економски напредок“, соопшти МНР.

МНР апелира да се прекине со провокациите, да се почитува сувереноста и да се работи на планот на добрососедството, за доброто на сите во регионот. Освен МНР, денеска и американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли изјави соседите од регионот да бидат воздржани и да и дозволат на Македонија да оди напред со овој процес.

Ваквата реакција на МНР доаѓа по низата провокативни изјави од албански функционери. Последно беше барањето на албанскиот министер за надворешни работи Дитмир Бушати платформата на албанските партии да влезе во македонскиот Устав. Деновиве повторно беше актуелен и албанскиот премиер Еди Рама кој во интервју за „Франс 24“ рече дека Албанците во Македонија не се малцинство, туку ентитет што сочинува 35 отсто од населението. Претходно, Рама во интервју за швајцарски интернет портал ги нарече Македонците – Славомакедонци и индиректно најави дека ако Македонија не го смени името и не влезе во ЕУ нејзините граници се загрозени.

Коментирај