Аговски за Груевски: Тоа беше човек со кој беше чест и гордост да се работи за Македонија!

0
4866

Борис Аговски, државен советник за политички прашања во Кабинетот на Премиерот и еден од најблиските соработници на поранешниот премиер и довчерашен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на својот Фејсбук профил напиша дека тоа е човек со кој беше чест и гордост да се работи за Македонија.

Неговата Фејсбук објава ја пренесуваме интегрално:

„Тоа беше човекот кој во 11 се регистрираше со сопругата, а во 12 дојде на работа и раководеше со седница на Влада.

Тоа беше човекот кој ќе ти се јави во 02 вечер, во едната рака му плаче детето, а тој во другата го држи телефонот и прашува до каде е работата, до каде се проектите.

Тоа беше човекот кој постојано каснеше, не од карактер, туку затоа што леташе од состанок на состанок, од врата во врата, што повеќе да направи, секаде да стигне, да искординира, да притисне, да поттикне и така секој ден до 5 сабајле.

Тоа беше човекот кој притискаше и другите да работат како него, човек во чие време седниците на Влада траеа по 15 часа, а голем број од светлата во зградата беа упалени и до раните утрински часови.

Тоа беше човекот кој иницираше, поддржуваше и стоеше позади илјадници проекти поврзани со Македонскиот идентитет, промоција на македонското знаме, Македонскиот јазик, поддршка на македонските корени, песни, историја, македонскиот филм, македонскиот спорт, печатење на илјадници книги на македонски јазик, македонската култура, поддршка на македонскиот туризам.

Тоа беше човекот кој во еден ден пушташе во употреба 3 нови фабрики, а после 2 дена ставаше камен темелник на други 2 фабрики.

Тоа беше човекот кој ја бутна невработеноста од 38% во 2006, на 22% во 2017.

Тоа беше човекот во чие време се донаправија и модернизираа двата аеродроми, се направи стадионот, се купија нови автобуси во Скопје, нови возила за Брзата помош, Полицијата, Пожарникарите, се изградија стотици нови спортски сали, фудбалски игралишта, повеќенаменски спортски терени, училишта, жичарата до крстот, купишта на патишта локални, регионални и автопати, куп нови театри, музеи и споменици, едно чудо нови апарати во здравството, историски најголема поддршка на земјоделството.

Тоа беше човекот кој потроши илјадници саати и купишта состаноци посветени на Наталитетот.

Тоа беше човекот кој за секоја обврска и проект, ставеше и бараше рок кој мораше да се исполни. Човекот кој постави такви стандарди на работа и успех што ретко кој пред и после него може да ги замисли, а камоли да ги оствари.

Тоа беше човекот кој поради добрите резултати во земја која не е дел од НАТО и ЕУ постана лош пример за некои големите светски сили.

Тоа беше човекот кој неизмерно го сака својот род и Македонија, човекот кој беше од каде се не притискан но не попушти, не го свиткаа ни најсилните во светот, човекот кој не се одрече од Македонија и не го продаде името, човекот кој се жртвуваше и беше под силен удар за ова прашање, човекот кој беше насила симнат за истото, човек чија цврстина и одлучност не ја споделуваа дел од неговите најблиски соработници. Дали ќе остане последниот бранител на Македонското име и идентитет иднината ќе покаже.

Тоа беше Никола Груевски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ од 2003 заклучно до вчерашниот ден, Премиер на Р.М од 2006 до 2016, човек со кој беше чест и гордост да се работи за Македонија“, напиша Аговски на својот Фејсбук профил.

Коментирај