АЕК ќе си ги финансира луксузните набавки од сопствени приходи, а не од буџет

0
250

Агенцијата за електронски комуникации со соопштение до јавноста ги појаснува информациите што вчера беа објавени во медиумите, а во врска со набавката на репрезентативен материјал во вредност од 24.000 евра.

Огласот за набавката АЕК го објави на сајтот на Бирото за јавни набавки, на 7 март и од опширната спецификација може да се види дека се бараат пенкала со циркони, со УСБ, роковници, ташни, папки, поло маици, ранци, часовници, држачи за кола, како и копчиња за кошули.

Од АЕК велат дека во медиумите се пласираат невистинити информации кои го нарушуваат угледот на институцијата. Од таму посочуваат дека средствата за овие набавки не потекнуваат од буџетот, туку од сопствени приходи на Агенцијата.

Набавката ја оправдуваат со анализа на активности кои предвидуваат настани на кои ќе присуствуваат над стотина слушатели.

– Известуваме дека оваа набавка на репрезентативен материјал се однесува за 2019 и 2020 година, и е набавка што била планирана и спроведувана и во изминатите години, со мали измени во техничката спецификација.–велат од АЕК.

Во врска со набавката на пенкала со циркони од таму очекуваат да добијат понуда од околу 165 денари по парче.

– Во врска информацијата за набавка на пенкала, земајќи го во предвид фактот што во минатото цената на ваков тип на пенкало изнесувала 165,00 денари со печат на метал, очекуваме дека и во оваа набавка ќе добиеме на понуда приближно иста цена. Замолуваме во иднина пред да се пласираат лажни и невистинити информации кои што го нарушуваат угледот на Агенцијата за електронски комуникации која важи за сериозна институција, да се проверуваат цените кои што стојат во сите промотивни каталози на сите фирми кои што во својата понуда имаат репрезентативен материјал. Истовремено, известуваме дека Агенцијата за електронски комуникации се финансира од сопствени приходи согласно Законот за електронски комуникации, а не од буџетот на државата и дека за секоја набавка што се планира да се спроведе, согласност дава Комисијата – орган надлежен за Агенцијата за електронски комуникации. – соопштија од таму.

Извор:lider.mk

Коментирај