92-годишниот Фокас во репортажа на Би-Би-Си: Во Грција сме предмет на негирање и прогони, но од секогаш сме биле Македонци!

0
1056

Сторија на Би-Би-Си чиј главен лик е еден стар Македонец од Грција. На дедото веројатно не му треба ни орден ни медал иако ги заслужува сите можни почести. Затоа што има 92 години, а памети сè; затоа што колку што добро знае грчки, уште подобро знае кој е и што е.

Пензионираниот адвокат, кој во репортажата на Би Би Си се нарекува господинот Фокас, беспрекорно зборува грчки литературен јазик со препознатлив акцент: негов мајчин јазик е македонскиот.

Фокас уште на почетокот сакал на новинарот да му истакне дека е етнички Македонец но и грчки патриот. Има добри причини да потсетува на својата лојалност кон државата бидејќи цел еден век, етничките Македонци во Грција се предмет на сомневања, своевремено и прогони, па и самото нивно постоење се негира речиси од секого.

Повеќето од нив не сакаат на странци да им зборуваат за својот идентитет. Нарекувани како „локалци“ а нивниот јазик како „локален“, нив ги нема во учебниците а извадени се и од пописите уште до 1951 година кога накарадно беа спомнати како „славофони“.

Мнозинството Грци не ни знаат дека тие постојат

Сите шашми за „новата“ или „од Тито измислена нација“ паѓаат во вода со сеќавањата на реални луѓе. Самиот Фокас има 92 години а уште неговиот вујко му зборувал дека тие „не се ни Срби, ни Бугари, ни Грци, туку македонски православци“.

Репортажата на BBC потсетува на историските околности по кои Македонија останува поделена во три држави. Од Грција некои беа избркани а некои подложени на систематска асимилација. На сите населени места со негрчки имиња им се даваат нови имиња, избрани од комисија (ха!) кон крајот на 20-тите години на минатиот век, иако еден век подоцна, „локалците“ сè уште ги користат старите називи.

Во 1936 година, почитувачот на Мусолини, диктаторот Метаксас, го забранува македонскиот јазик и ги принудува луѓето да ги сменат своите родени имиња со грчки. Фокас во тоа време има само 9 години но памти како грчки жандари кмишеле по македонски погреби за да чујат некој да не проговори на забранетиот јазик. Тоа е време на судски прогони, закани и тепања, време кога македонските жени носеле шамија преку уста за да го маскираат својот македонски, бидејќи грчи не знаеле.

Само од неговото село, 20 луѓе, главно глави на големите семејства, биле однесени на островот Иос каде биле измачувани и терани да пијат гадни лаксативни масла, за да се „прочистат“ од несаканиот идентитет.

За подоцнежната граѓанска војна и исходот од неа, Фокас ќе каже:

„Македонците платија најмногу во таа војна. 8 луѓе од мое село на прек суд беа осудени на смрт и беа егзекутирани, осум од следното село, 23 од следното… Заедно убија дедо и внук, малиот имаше само 18 години.“

Фокас тоа време студира во Солун но сепак бил казнет и минал три години во зандани на островот Макронисос. Самиот не сторил ама баш ништо ама казнет е затоа што мајка му му помогнала на својот брат да избега.

Повеќето затвореници во Макронисос биле грчки левичари кои биле терани да потпишат каење за своите врски со комунистите. Тие кои одбивале морале да ползат под бодликави жици, биле претепувани со стапови.

„Страшни работи беа правени. Но, не смееме да зборуваме за нив, бидејќи ќе ја навредиме грчката цивилизација и ќе му наштетиме на грчкиот углед,“ вели стариот.

Во 1982 година, повеќе од 30 години откако завршува конфликтот, грчката социјалистичка влада донесува декрет по кој бегалци од граѓанската војна можат да се вратат во земјата во која се родени, но само ако имаат – грчко етничко потекло. Етничките Македонци од Грција остануваат исклучени од земјата, нивните имоти и села, нивните семејства со кои војната ги раздели.

Вујкото и дедото по мајчина страна на Фокас умираат во Скопје. Тој вели дека дури и таков еден декрет потврдува дека во Грција живеат етнички Македонци.

„Тие бегалци од војната зад себе оставија деца, внуци, татковци и мајки. Што се тие ако не се Македонци?“

Не постои начин прецизно да да се утврди колку ги има денес. Грчки историчари проценуваат дека се околу 100.000 во грчкиот дел на Македонија од кои меѓу 10.000 и 20.000 отворено се идентификуваат како такви а некои од нив пак, се имаат изродено во грчки националисти.

„Моите родители и дома не зборуваа македонски за да не го научам и јас па после некаде пред луѓе да прозборам. Го правеа тоа за да ме заштитат мене. Веќе не се ни сеќаваме од што се плашиме,“ вели средовечен Македонец од Грција, кој живее во село близу Преспанското езеро.

Јазикот бавно умира. Годините на репресија го истуркаа зад затворени врати, асимилацијата ја довршува работата, резимира БиБиСи.

Напоменувајќи дека македонскиот потпис на Преспанскиот договор значеше прифаќање уставни бришења на поимот „малцинство“ во соседни земји и потсетувајќи на насилниот бран протести со благослов на грчката црква, сторијата вели дека за Македонците кои долго време не бараат ништо друго освен право културно да се изразат, „веројатно сè уште не е дојдено времето да излезат од сенка“.

Коментирај