9 МАЈ 2015 – МАКЕДОНИЈА СЕ СЕЌАВА: Како беше разбиен терористичкиот бастион во Диво Насеље

0
408

Поминаа четири од кобниот 9 мај и антитерористичката акција на македонската полиција, во која осуммина македонски херои ги положија животите во одбрана на татковината. Акцијата започна рано утрината во 4.30 часот во саботата на 9 мај и траеше речиси непрекинато 28 часа, сè до 10 часот во неделата на 10 мај.

Напад на полициската станица на караулата Гошинце 21 април 2015 г.

Кумановските настани започнаа со инцидентот во караулата Гошинце кон крајот на април минатата година.

Инцидент во караулата „Гошинце“, 21 април 2015 година

Тогашниот портпарол на МВР Иво Котевски во изјава за јавноста истакна дека во два и пол часот по полноќ во селото Гошинце, во општина Липково, бил извршен државен терористички напад.

Четириесет маскирани и вооружени лица со ознаки на УЧК ја нападнале караулата во која имало четворица дежурни полицајци и ги разоружале. На тројца од нив им ги врзале рацете со лисици, почнале да ги удираат, а сетоа тоа го снимале на камера.

Преку преведувач, кој зборувал лош македонски јазик водачот на групата им се обратил на полицајците „Ние сме од УЧК, ниту Ахмети ниту Груевски не може да ве спаси. Ние сакаме наша држава и не сакаме никакви охридски договори. Повеќе никој не смее да дојде нагоре. Доколку вас или било друг фатиме повторно, сите ќе ве ликвидираме“, истакна Котевски.

Терористите им дале половина час на заробоените полицајци пеш да заминат од караулата при тоа велејќи им дека ако тргнат порано или ако некој остане ќе бидат ликвидирани.

Тие им го земеле оружјето, мобилните телефони и радиоврските, а по поминувањето на дадениот рок, еден од полицајците, кој не бил врзан, ги земал клучевите и ги ослободил остананатите колеги кои биле врзани со лисици, по што пеш се упатиле по патот. Додека оделе, слушнале долг рафален истрел од автоматско оружје.

Инцидент во караулата „Гошинце“, 21 април 2015 година

Котевски потенцираше дека терористичката група, според првичните сознанија и оперативни информации, е од Косово како и дека полицијата презеама дополнителни серозни мерки за расчистување на терористичкиот напад.

Настаните со караулата во Гошинце тогаш опозицијата предводена од СДСМ ги оцени како измислено сценарио, а дел од опозициските медиуми потценувајќи ги настаните дури објавуваа и сатирични вести со наслов „Ослободителната војска на Груевски“ ја презеде одговорноста за нападот во Гошинце. Дел од опозициските таканаречени експерти, но и опозициски партии како ЛДП, во јавноста излегоа со ставови дека со настаните во Гошинце власта се обидувала да креира безбедносна криза.

Вчерашниот филм во Гошинце, што власта сака да го продаде како терористички напад, е очаен обид со креирање на вештачка безбедносна криза да си ги спасат сопствените глави, изјави на прес-конференција на 22 април портпаролот на ЛДП, Филип Јаневиќ.

Акција за разбивање на терористичка група во Диво Насеље – 9 мај 2015 година

Петнаесетина дена подоцна следеше 9 мај. Полициската акција за разбивање на терористите се одвиваше во кумановската населба Диво Насеље, дел од градската месна заедница „Тоде Ментол“, во близина на автопатот Е75. Акцијата започна рано утрото во 4.30 часот во саботата на 9 мај и траеше речиси непрекинато 28 часа, сè до 10 часот во неделата на 10 мај.

Локалните медиуми први јавија за терористичката акција во Куманово

Пукотници, рафали, хеликоптери. Ова е сцената од Куманово од утринските часови, поточно во Диво Насеље, кај пазарот, но и во центарот на градот. Утринава околу 6 часот започнале да се слушаат пукотници од центарот на градот, а очевиддци тврдат дека  целиот град е блокиран од полиција и специјалци– беше првата информација која ја пренесоа локалните медиуми утрото на 9 мај.

Првите фотографии од Куманово ги објави албански Лајм

Во Диво Насеље беше разбиена балканската Ал Каеда. Решителната акција на македонските безбедносни сили ја спаси Македонија од војна. Фактот дека 17 пријателски разузнавачки служби уште на почетокот на годинава биле известени дека терористите планираат напади на државни институции и цивилни цели, и се оглушиле на информациите, зборува дека планот за дестабилизација на државата – требало само да биде реализиран.

Полициската акција заврши. Терористичкатра група е целосно неутрализирана. Тоа е најопасната група која е закана за целиот регион инволвирана во повеќе напади, чии членови се барани со меѓународни потерници, соопшти Иво Котевски од МВР.

За одбрана на земјата на тој 9 мај од страна на македонските безбедносни сили загинаа осум припадници на специјалните единици на македонската полиција, а беа повредени дури 37 други полицајци во уличните борби низ тесниот и густо населен урбан дел на приградската населба во Куманово.

Убиени беа следниве припадници на специјалните единици на македонската полиција:

  • Жарко Кузмановски (р. 1981), од с. Брвеница, Тетово
  • Ненад Серафимовски (р. 1987), од с. Зубовце, Гостивар
  • Сашо Самојловски (р. 1982), од с. Брвеница, Тетово
  • Бобан Ивановиќ (р. 1968), од с. Стајковци, Скопје
  • Горан Илијевски (р. 1974), од Гостивар
  • Исамедин Османи (р. 1983), од с. Студеничани, Скопје
  • Љубиша Аранѓеловиќ (р. 1966), од Скопје
  • Горан Стојменовиќ (р. 1970), од Миладиновци, Скопје

Убиени 10 терористи

Постојат основани сомнежи, како што информира Котески, дека лидери на групата се озлогласените Мухамед Красниќи – Малишева, Мирсад Ндрецај – Командант Нато, Сами Укшини – Командант Соколи, Бег Ризај – Командант Бегу и Дем Шеху – Јунику, сите косовски државјани.

Сите петмина се косовски државјани и се доведуваат во врска со формирање бројни терористички и екстремистички групи во регионот, односно фигурираат како основачи на паравоени структури. Според првичните сознанија, тројца од нив синоќа и се предадоа на полицијата, но се уште се работи на потврдување на нивниот идентитет, истакна портпаролот на МВР.

Мирсад Ндрецај – Командант Нато

На страната на терористите, на самото место беа пронајдени 10 мртви тела во униформи. Според искажаното од надлежните во македонското Министерство за внатрешни работи можеше да се заклучи дека станувало збор за една од најопасните терористички групи, а самиот портпарол на македонското МВР истакна дека групата била закана за целиот регион и која била вклучена во бројни напади, а нејзините членови биле барани со меѓународни потерници.

Според официјалните информации, по извршената обдукција и проверките преку Интерпол – Скопје утврдено е дека во престрелката се убиени девет косовски и еден македонски државјанин.

Убиените Kосовци се Мирсад Ндрецај (36) алијас Kомандант НАТО, Бег Ризај (38) познат како Kомандант Бегу, Џафер Зумерај (33), Ваљон Kабаши (30), Тургај Гаши (37), Kастриот Самит (40), Хисен Рушити (50) Фатлун Вишесела (32) и Арбен Реџај (44), како и Нусрет Kаљоши, македонски државјанин.

Овие петмина се, како и нивните најблиски соработници, се припадници на 113 бригада на УЧК, која во 2001 година оперира токму во Липковскиот крај. Различни се само улогите. Ушкини е командант на единицата, заменик му е роднина на Ндрецај, Малич Ндрецај, Красниќи е командант на специјалната единици, додека Ндрецај е командир на одделение во единицата на Красниќи и е најниско по хиерархија.

И по завршувањето на конфликтот тие продолжуваат со терористички акции, напади на полициски и воени цели во Србија и во Македонија, имаат неколку неуспешни обиди за формирање на паравојски и терористички единици чија единствена цел е дестабилизација на регионот и создавање на т.н. “Голема Албанија”.Дел од нив се логистика на Лирим Јакупи – Нацист, чија терористичка група беше разбиена во акцијата “Планинска бура” во селото Бродец, а некои од нив биле и за време на кризата во скопско Кондово во 2004 година. Тие директно стојат и зад нападот на караулата кај Гошинце.

Красниќи, Ушкини и Шеху не успеале да се пресоблечат и да се обидат да ги измамат специјалците претставувајќи се како цивили и жртви. Тие се фатени со униформи од 113 бригада. Красниќи дал лажен идентитет, се претставил со друго име и презиме и направил пермутација на датумот на раѓање, но бил препознаен и посочен од останатите.

Сепак, тоа не е доволно, па затоа МВР и 48 часа по завршувањето на акцијата, не го објавува идентитетот на фатените и ликвидираните. Тоа се должи на фактот што повеќето од нив се странски државјани и се чека на повратна информација и потврда од безбедносните служби на Косово, Албанија и Германија.

Заедничко за овие петмина, како и за Косовецот Џафер Зумбери, за кого неофицијално е потврдено дека е ликвидиран во акцијата на полиција, е дека покрај постојаното учество во разни терористички и криминални активности сите се блиски до организацијата Самоопределување и партијата на Рамуш Харадинај.

Терористичката група која тие ја формираа и со која требаше да ја дестабилизираат Македонија и да предизвикаат паника и хаос меѓу населението не е воопшто наивна и е внимателно бирана. Повеќето имаат големо искуство во војувањето, ветерани од неколку конфликти на Балканот, доброволци во Сирија и Ирак. Пример за тоа е албанскиот државјанин Генци Сефа (42), која е меѓу фатените и е експерт за мини и експлозиви и инструктор на косовските безбедносни сили пред да се одметне.

Единаесеттемина македонски државјани кои се членови на терористичката група се од Куманово и околината и еден е од Скопје, но извесно време живеел во Косово. Насиф Беќири (27) од Брест и Лирим Демири (23) од Лукаре ги контролирале сите криминални активности во граничниот појас во Липковскиот крај. Меѓу уапсените се и двајца браќа од Куманово, од семејството Сефеди, Руфим Догани (28) од Скопје и тетовецот Неџбедин Лика, криминалец и убиец кој со години е во бегство и кој се бара со меѓународни потерници.

Пеколен план – на мета бил и Камениот мост во Скопје

Тројца од петтемина водачи на терористите се фатени живи. Повеќето од косовските терористи се поврзани со нападот на караулата во Гошинце, но и со терористичката група разбиена во акцијата “Планинска бура” во селото Бродец како и со кризата во скопско Кондово. Врбуваните терористи главно се од кумановскиот крај. Логистиката на терористите и јатаците се уште се истражува. Локацијата во Диво Насеље е внимателно избрана, бидејќи лесно се утврдувала и се бранела. Со денови носеле оружје, муниција и луѓе во куќите кои ги имале изнајмено и купено. Некои од триесетте приведени во информативните разговори во полициска станица изјавиле дека оружјето го внесувале преку илегални премини со возила, ранци и торби. Терористите поделени во групи, според дел од приведените, имале задачи да вршат напади на разни објекти, цивилни и државни цели, полициски станици.

Според исказот на еден од приведените една од целите била и Камениот мост во Скопје, а нападите требале да започнат од средината на мај. Терористичката група која беше разбиена и уништена планирала да го уништи Камениот мост во Скопје. Ова го признал еден од терористите кој им се предаде на полициските сили. Тој имал задача да го пренесе теророт во Скопје и да го разнесе мостот, а акцијата требало да се случи кон средината месецот кога веќе би биле нападнати поставените цели во Куманово како полицијата, судот, болницата и би биле предизвикани и цивилни жртви.

Планот на терористите бил пеколен, застрашувачки и предвидувал голем број жртви како полицајци така и цивили, а бил изработен во детали. Тие располагале со огромна сума пари. Планот за терористичките акции и распоредот го изработиле водачите на групата, косовски државјани, ветерани од УЧК и ОНА, кои и по завршувањето на конфликтите продолжиле со воени акции и терористички напади. Сите имаат искуство во вооружени конфликти, но и со борби во урбани средини.

Токму затоа тие го избрале кумановската Дива Населба како нивна база и почетно место за операции. Оваа густо населена населба со тесни улички и сокачиња е идеална за терористички групи и кошмар за безбедносните сили. Неколку пати тие биле во населбата и ја извидувале се додека не го нашле идеалното место за позиционирање, сокак со четири куќи во кој може да се влезе единствено пешки, а возила можат да стигнат на педесетина метри оттаму.

Водачот на терористичката група Мирсад Ндрецај на први мај дошол во Диво Насеље и ги изнајмил четирите куќи, сопственост на едно семејство. За нивно изнајмување платил четири илјади евра месечно. Куќите биле меѓусебно поврзани и со дебели бетонски ѕидови идеални за утврдување и лесни за одбрана. Неколку дена подоцна Надрецај купил уште една куќа, во близина на веќе изнајмените, која има исто така одлична стратешка локација. Во неа било складирано оружјето и муницијата, а биле сместени и десетици терористи.

Тука не е оружјето и муницијата кое е украдено од караулата во Гошинце. Според извори во истрагата, тоа е складирано на друго место, и требало да биде употребено откако акциите ќе се пренесат кон Скопје и други градови во државата.Затоа акцијата на полицијата е неизбежна и мора да се изведе веднаш.

Кои се приведените терористи

Мухамед Красниќи – командант Малишева роден 4.10.1971 во Косово

Дел од ОВК, командант на 113 бригада, вклучен во обиди за создавање паравоени структури за Илирида. Инволвиран во недозволена трговија со дрога и оружје, организирање криминал и еден од осомничените за нападот во Гошинце. Уапсен во униформа.

Сами Укшини – командант Соколи роден 10.10.1967 во Косово

Поранешен командант на УЧК и заменик командант на 113 бригада, член на илегални организации во бараат создавање на Голема Албанија, член на паравоени и терористички групи кои имаат иста цел. Близок соработник на Мирсад Ндрецај алијас командант НАТО. Еден од осомничените за нападот во Гошинце. Уапсен во униформа.

Деме Шеху – Јунику роден 18.4.1980 во Косово

Припадник на ОВК, член на единицата „Скендер бег“. Близок соработник и логистичар на терористичката група елиминирана во Бродец во 2007 при акцијата „Планинска бура“. Познат по насилства, изнуди, соработник на командант НАТО и еден од осомничените за нападот во Гошинце. Уапсен во униформа.

Сефа Генци – роден 18.4.1973 албански државјанин кој живее во Урошевац, Косово

Се води како лице со завршена воена академија во Тирана, со чин капетан. Експерт за минско експлозивни средства, инструктор на воената академија на косовските безбедносни сили. Активен член на паравоени формации од 2002 година и вклучен во албанските национални движења за Илирида. Уапсен во униформа.

Ардијан Бујари – роден 16.12.1975 во Косово

Поранешен припадник на ОВК во единицата на командат Соколи. Дел од терористичката група од Кондово во 2004 и Бродец во 2007. Имал блиска врска со Лирим Јакупи алијас Нацист со кого воделе групи на дрога и оружје. Еден од осомничените за нападот во Гошинце. Уапсен во униформа.

Ваљдет Закај – роден 9.7.1978

Има висока улога во Бали Комбетар, како и обиди за формирање паравоени вооружени групи.

Насуф Бекири -роден 20.2.1988 Брест

Пријавуван за разбојништва, логистичар на Лирим Јакупи – Нацист. Познат по учество вотрансфер на лица и стоки. Има индиции дека учествувал во нападот во Гошинце. Уапсен во униформа.

Лирим Демири – роден 15.4.1992 од Лукаре, липковско

Пријавуван за насилен криминал, разбојништва, тепшки кражби со провалување. Еден од осомничените за нападот во Гошинце. Уапсен во униформа

Приведени се и Сефер Сефери (1959) и неговиот брат Фитор Сефери (1970)од Куманово кои се познати по учеството во паравоени структури и ОВК од Косово.

Неџбедин Лика – роден 11.8.1978 од Тетово

Припадник на ОНА , се барал и за убиство од 2004

Руфкит Угани  – роден 24.12.1987 од Качаник Скопје приведен во униформа

Меѓу приведените е и еден од сопствениците на куќите во кои биле сместени терористите, кој според непотврдени информации, пукал кон безбедносни сили на Македонија.

Во октомври беа приведени соработници и јатаци на терористите

Седуммина јатаци и логистичари на терористичката група елиминирана во кумановското Диво Насеље се уапсени во акцијата “Молња“ на 15 октомври минатата година. Според МВР, во истрагата се собрани доволно докази кои покажуваат дека тие активно биле инволвирани во инцидентите, односно во нападот на караулата кај Гошинце и во Диво Насеље.

Уапсени беа седум лица на возраст од 20 до 74 години, од кои три се од кумановското село Отља, две од скопско Брест и по едно од Арачиново и Матејче.Според неофицијални информации меѓу уапсените се и извесен Ибрахим Муртезани, алијас Командант Харачина, и Рагми Љатифи од селото Отља за кој информациите говорат дека бил заменик на командант Малишева, кој се сметаше за предводник на терористичката група во Куманово.

Акцијата почнала во раните утрински часови со координирани упади и претреси во домовите на осомничените во селата Брест, Отља и Матејче.Во домовите на осомничените се најдени карти на голема Албанија, униформи на УЧК, 13 телефонски апарати, автоматска пушка, седум рамки за автоматска пушка, 127 куршуми со калибар од 7,62 милиметри, две ловни пушки, гасен пиштол, машина за полнење патрони, сачми, околу 60 патрони, два детектори за метал, мапи и ВХС-касети, лисици за врзување, 1400 евра, 45 куршуми со калибар од 7,9 милиметри, фотографии со припадници на УЧК, оптички нишан и други предмети и траги кои МВР ќе ги предаде на надлежниот јавен обвинител.

Од полицијата додоиа дека уапсените главно имале улога на логистичари, односно при нападот на караулата кај Гошинце и во Диво Насеље и помагале на групата во извршувањето и прикривањето. Еден од уапсените се обидел да собере група со која би го нападнал Скопје во моментот кога специјалците на МВР го чистеа Диво Насеље од последните терористи. Оттаму додаваат дека поголемиот дел од осомничените веќе се познати на полицијата и против нив во повеќе наврати се поднесувани разни кривични пријави за кои им се изрекувани и затворски казни од надлежните судови.

Пресудите изречени на 2 ноември 2017 година

На казна доживотен затвор се осудени седумина обвинети за терористичкиот напад во кумановско Диво Насеље, а 13 обвинети добија казна од 40 години затвор.

На казна затвор од 20 години пак се осудени петмина обвинети, две години помалку доби еден обвинет, а по двајца обвинети добија казна затвор од 14, 13 и 12 години.

Четворица од обвинетите, пак добија и ослободителна пресуда бидејќи како што истакна судијката, обвинителството не доставило доволно докази. Ова е одлуката која денеска судијката Верка Петровска ја соопшти за обвинетите во случајот Диво Насеље, во кој беа убиени осум припадници на МВР.

Пресудата во судница ја случнаа само тројца од обвинетите, а останатите беа отстранети по наредба на судијката, бидејќи уште на почетокот станаа од своите столчиња, почнаа да зборуваат и да пеат. Еден од обвинетите во знак на револт беше соблечен гол до појас и полицајците го покрија со ќебе, а останатите во еден глас ја пееја албанската химна и извикуваа УЧК, УЧК, како и ветување си е ветување.

Поради настанатата тензична атмосфера во судница, судијката даде наредба да се отстранат. Пред да излезат еден од обвинетите извика:

Ние не сме терористи, ние сме УЧК. Терористите го нападнаа парламентот, пратениците се тие, вие не нападнавте нас – рече еден од обвинетите.

Во моментот пред судот се присутни дел од роднините на обвинетите, кај кои видно е разочарувањето откако ја слушнаа пресудата. Радост имаше само кај четири семејства чии што блиски добија ослободителни пресуди.

Одбраната вели дека не очекувала коректни казни, но не очекувала ни драконска казна.

Извор: Република.мк

Коментирај