5 одлични рецепти без масло за оние кои постат

0
225

Во оваа објава ќе се потрудиме да им дадеме рецепти како идеи за оние кои веќе не знаат што да зготват во текот на Велигденскиот пост, односно најдолгиот од сите четири постa на православните христијани. Овој пост трае 48 денови и се смета за најстрогиот во годината. Во текот на 48-те денови, храната се подготвува само на вода, без масти и масло. За време на викенди, дозволено е консумирање храна направена со масло. Доколку оваа година одлучивте да постите, а веќе сте ги искористиле сите рецепти што ги знаете, не очајувајте, имаме неколку одлични рецепти за вас.

1. Крем чорба од спанаќ

Потребни состојки: 1 главица кромид, 2 чешниња лук, 3 компири, 400 грама спанаќ, 1 морков, 1 пашканат, сол и бибер, магдонос

Начин на подготовка: Исчистете го зеленчукот и исечкајте го во големо тенџере. Додајте вода колку да го прекриете зеленчукот и гответе околу половина час. Потоа изблендирајте го сварениот зеленчук, додајте малку вода и зачинете.

2. Рижото со зеленчук

Потребни состојки: 150 грама грашок, 150 грама моркови, 150 грама пченка, околу 180 грама бел ориз, сол и бибер, свеж магдонос, куркума (по желба)

Начин на подготовка: Сварете го зеленчукот во малку вода, па кога ќе биде речиси готов додајте го добро измиениот ориз. Оставете да се вари 10-тина минути, а потоа тргнете го тенџерето од шпоретот. Додајте сол, бибер и свеж магдонос и добро промешајте. Доколку сакате, можете да додадете и куркума

3. Шпагети во сос од домати

Потребни состојки: Доматен сос (може и свеж домат), 2 моркови, 1 главица кромид, 1 чешне лук, сол и бибер, оригано, 1 пакување тестенини

Начин на подготовка: Во малку вода динстајте ги лукот, кромидот и морковот. Пред водата да почне да врие, додајте го доматниот сос и зачинете. Во посебно тенџере сварете ги шпагетите „ал денте“. Потоа исцедете ја водата, додајте го сосот и добро промешајте.

4. Грав со вода

Потребни состојки: 1 главица кромид, 2 чешниња лук, 2 моркови, 2 пашканати, 300 грама бел грав, сол и бибер, ловоров лист

Начин на подготовка: Потопете го гравот во вода, па оставете го на рингла да зоврие. Кога ќе зоврие, исцедете го и додајте нова чиста вода. Потоа додајте го исечканиот лук, морковот и пашканатот и гответе околу 1 час. Додајте зачини и тргнете го тенџерето од шпоретот.

5. Пита со ориз и праз

Потребни состојки: 1 праз, 300 грама сварен ориз, сол и бибер, кисела вода, 1 пакување кори за пита

Начин на подготовка: Исечкајте го празот и динстајте го на малку вода. Потоа додајте го сварениот ориз и зачинете. Одвојте една кора, ставете неколку капки кисела вода, па над неа ставете уште една кора. Нанесете од смесата со ориз и праз, свиткајте ја кората и ставете ја во тава за печење. Откако ќе го направите истото со сите кори, прелијте ја питата со кисела вода и оставете ја да се пече 20-тина минути на 200 степени.

Коментирај