16 години од авионската несреќа во која загина македонскиот претседател Борис Трајковски со осумчлена делегација

0
1159

Пред 16 години, на 26 февруари 2004 година, претседателот Борис Трајковски, шест члена делегација и двајца пилоти загинаа при урнување на авионот од типот „Кингер“ кај Ротимље на 15-километри јужно од Мостар во Босна и Херцеговина.

Во авионската несреќа покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.

За несреќата која се случи во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи, во близина на Мостар, за причините за падот на „кингерот“, за тоа дали се случила авионска несреќа или било „тероризам“, од тогаш досега беа изврешени две истраги и објавени два извештаја, на две комисии со кои раководеа Салко Бегиќ и Омер Кулиќ, а во кои учествуваа и македонски експерти.

И во двата извештаја, кои се разликуваат, сепак, како причина за падот на „кингерот“ се наведуват пилотски грешки и други индиректни системски пропусти.

На барање на Македонија, со поддршка од европратеникот Андреас Грос, по собирањето на дополнителните докази од страна на македонското МВР беше отворена нова истрага во јануари 2013 година која ја водеше Кулиќ.

Во првиот извештај како директна причина за падот на „кингерот“ се наведени „процедурални грешки во приодот за слетување, по висина и по место, на аеродромот во Мостар, на контролиран лет“. Во вториот се наведени и системските пропусти, а е објавен и транскриптот од црната кутија односно целиот разговор меѓу пилотите и разговорот со контролата на летање.

Седум постапки во текот на летот од страна на пилотите и пет системски грешки на надлежни институции во Македонија и во Босна и Херцеговина се причините за уривање на „кингерот“, стои во новиот извештај што го презентираше Кулиќ.

Македонската страна во целост ги прифаќа наводите со дополнителни предлози кои се однесуваат на ВОР системот, самата процедура, барањето и спасувањето по падот на кингерот и формулацијата за пловидбеноста на воздухопловот. Но, за македонската страна е нејасно зошто е пренасочена локацијата каде да се бара авионот, иако Кулиќ вели дека контролорот на летање знаел каде е урнат авионот.

Биографијана претседателот Трајковски:

Трајковски дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1980 година, специјализирал деловно право и право на работни односи. Повеќепати бил на студиски престој во САД.

До 1997 година бил раководител на правната служба во градежното претпријатие „Слобода“ во Скопје. Од 1997 до 1998 година бил шеф на Кабинетот на градоначалникот на Општина Кисела Вода. Тој бил претседател на Комисијата за надворешно-политички односи на ВМРО-ДПМНЕ и главен политички советник за надворешна политика на тогашниот македонски премиер Љубчо Георгиевски.

Од 21 декември 1998 година ја извршувал функцијата заменик-министер за надворешни работи на Република Македонија. На 15 декември 1999 година е инаугуриран за претседател на Република Македонија.

Роден е на 25 јуни 1956 година во Струмица.

Легендарната изјава за косовските бегалци на Борис Трајковски од 1999 година

Коментирај